Дополнителни 2,2 процентни поени намалување забележа јавниот долг. Денеска објавените податоци покажуваат дека заклучно со првиот квартал од 2022 година јавниот долг се спушти на ниво од 54,9 % од БДП. Истовремено, намалување е забележано и кај државниот долг кој на крајот на март изнесува 46,8 % и е за 1,9 процентни поени понизок.
„Дополнителното намалување на јавниот долг е потврда за добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии, особено што тоа е евидентирано во период на криза.
Фискалната политика останува на орпеделбата за натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Клучни елементи на фискална политика во наредниот период се редизајнирањето и подобрената структура на јавните финансии, преку зголемено учество на капиталните расходи, како и етапната фискална консолидација. Буџетскиот дефицит во 2020 година изнесуваше 8,2 % од БДП, во 2021 година 5,4 % од БДП. Годинава продолжува тој тренд на намалување. Во првите четири месеци, односно јануари-април 2022 година остварен е за 44 % помал дефицит во однос на тој период минатата година. Така што за годинава е проектиран дефицит од 5,3% од БДП, 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година.
Истовремено, останува определбата за натамошно намалување на јавниот долг и негово спуштање под Мастришкиот критериум од 60 % од БДП.Така што согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, на среден рок, односно до 2027 година јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,6%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,2 %“, информираат од Министерството за финансии.