Пробританската Демократска унионистичка партија (ДУП) денеска соопшти дека ќе се врати во регионалниот парламент само кога ќе биде сигурна дека владата во Лондон со закон ќе ги реши проблемите на границата со Северна Ирска, а станува збор за поништување на дел на договорот за Брегзит.
Од изборите минатиот месец, ДУП го блокира формирањето на регионална влада во Северна Ирска според Договорот од Велики петок. Со овој договор од 1998 година, републиканците, поборници за обединување со остатокот од островот, Република Ирска, главно католици, ја делат власта со унионистите, главно протестанти и поборници за останување во Обединетото Кралство.
Регионалниот парламент нема да се формира додека не се реши проблемот со трговијата на границата на Северна Ирска и Ирска, која сè уште е во Европската унија, изјави пратеникот на ДУП, Семи Вилсон.
– Би било многу глупаво партијата да се обврзе на конкретни рокови во овој момент. Не е навистина важно времето, туку содржината, рече Вилсон, член на ДУП во британскиот Парламент.
Можеби ќе бидат потребни месеци или подолго за законот да помине низ двата дома на Парламентот во Лондон.
– Мислам дека унионистите сакаат да се погрижат да не паднат во стапица и да прифатат ветувања што ќе бидат прекршени, рече тој.
На регионалните избори во мај, републиканската партија Шин Фејн, поранешното политичко крило на паравоената ИРА, постигна историскиот резултат и на тој начин го доби правото да го назначи првиот националистички или републикански лидер на покраинската извршна власт.
ДУП треба да предложи негов заменик со кој заедно ќе ја извршуваат должноста, но ДУП сега го блокира тоа.
Велика Британија денеска треба да го објави законот со кој еднострано ќе ги укине трговските правила по Брегзит за Северна Ирска, и покрај тоа што најверојатно ќе започне трговска војна со Европската унија, убедувајќи ја ДУП, најголемата британска регионална партија, да се врати во владата.
Извор: МИА