Две виолини, една виола и едно виолончело вечерва, 15 август 2013 година, на Амфитеатарот на кејот на Вардар ги наполнија срцата на карпошани и на љубителите на класичната музика.
Четирите прекрасни дами од „Пламенка Трајковска квартет“ со достоинствена елеганција, каква што ѝ прилега на класичната музика, и со доза кореографска динамика извонредно го претставија својот албум „Апасионато“ пред публиката на втората вечер од „Карпошово културно лето 2013“.
Концертот, кој траеше еден и пол час, нежните уметници го почнаа со композицијата што Пламенка ја нарекува „Бас Бах“, а по која следуваше изведба на цела низа познати ремек-дела на класичните автори Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски, Фредерик Шопен, Лудвиг ван Бетовен, Антонио Вивалди… Електронската подлошка на композициите, музичарките вешто ја искомбинираа со звуците на своите гудала, репродуцирајќи прекрасни модерни парчиња класика што влегуваат во сечие уво и целосно реализирајќи ја идејата за доближување на класиката до модерниот слушател.
За репертоарот да биде целосен, дамите од квартетот изведоа и две композиции од македонскиот народен мелос, „Јовано, Јованке“ и „Не си го продавај Кољо чифликот“, а во соло-изведба на Пламенка публиката имаше можност да ги слушне и „Dove l`amore“ на Шер и „Tango“ на Шакира.
Шестото по ред „Карпошово културно лето“ продолжува со несмален интензитет, а според програмата, уште еден концерт со класична музика е предвиден за 17 август во „Лептокарија“.
Покрај тоа, едномесечната дружба со културата, што шеста година по ред за своите жители ја организира Општина Карпош, предвидува и концерт на етнопоп-групата „Темпера“, Албанско-турска културна вечер, Балканска културна вечер со КУД „Пролетер“ од Сараево и со „Панонска морнарица“ од Нови Сад, а пред самиот крај на манифестацијата – и детска програма со децата од фестивалот „Поточиња“.