Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на литургијата во соборниот храм на Вселенската патријаршија со која сослужуваа Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, поглавар на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и Неговата Сесветост Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски патријарх, Вартоломеј, Патријарх на Вселенската патријаршија.
Ковачевски и имаше тет-а-тет средба со Неговата Сесветост Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски патријарх, Вартоломеј, Патријарх на Вселенската патријаршија.
Премиерот и во оваа прилика ја изрази благодарноста до Неговата светост Патријархот Вартоломеј за неговата храбра одлука да ја прими во заедништво јерархијата на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија во канонско единство со православната заедница, којашто беше веднаш поткрепена со соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.
Ковачевски на средбата истакна дека постапката на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан со кој конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква, ја прави нашата црква реалност во православната заедница.
Со овој чин, беше нагласено на средбата на премиерот Ковачевски со Патријархот Вартоломеј Вселенската патријаршија стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија во ликот на МПЦ, како врвен национален интерес на народот во Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски на Патријархот Вартоломеј му го честиташе јубилејот 30 години од извршувањето на светата должност Вселенски патријарх и 60 години свештенство и изрази честитки за неговата посветеност за решавање на црковните прашања во име на единството на православната заедница и го поканил да ја посети нашата земја.