Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) денеска ја избра Доминик Прадали од Франција за нова претседателка на ИФЈ, на 31-от Конгрес на организацијата што се одржува во Мускат, Оман.
Таа е втора жена на таа позиција во речиси 100-годишната историја на организацијата.
Доминик Прадали е генерален секретар на синдикатот на француските новинари, а целата своја професионална кариера ја помина на националната телевизија, каде што беше и главна уредничка. Била и член на Француската комисија за новинарска етика и медијација.
Прадали беше член на Извршниот одбор на ИФЈ во два мандата.
Доминик Прадали вети дека ќе го посвети својот мандат на слободата на печатот ширум светот, солидарност меѓу колегите, како и подобрување на нивната финансиска состојба, поддршка за новинарите кои работат во воените зони и нивна безбедност, особено имајќи предвид дека од последниот Конгрес пред три години се убиени и страдале повеќе од 200 новинари.
Прадали, исто така, се залага за единство и опстанок на ИФЈ како единствена организација.
Меѓународната федерација на новинари е основана во 1926 година во Париз на иницијатива на новинарот и активист Жорж Бурдон, кој беше и еден од основачите на Лигата за човекови права. Неговата животна мисија беше солидарност меѓу сите новинари на планетата и подобрување на условите за работа за целосно и објективно пренесување на информациите, што остана основна задача и по речиси еден век постоење на Федерацијата.
Извор: МИА