Нова сезонска авиолинија Скопје-Измир почнува од утре, втори јуни 2022 година, која ќе го поврзува македонскиот главен град со еден од турските туристички бисери на Егејското море, известуваат од ТАВ Македонија.
Две авиокомпании, Пегасус ерлајнс (Pegasus Airlines) и Санекспрес (Sunexpress), ќе летаат на оваа авио-рута, во текот на целата летна сезона, односно од почетокот на јуни до крајот на октомври.
„Задоволни сме што се отвора оваа сезонска авиолинија, меѓу Скопје и Измир, како еден од главните туристички центри на Турција, до кој досега немаше директна авиоврска. Измир е атрактивна дестиција за македонските граѓани, како од аспект на туристички патувања, така и од бизнис-аспект, со оглед на тоа што е третиот најголем град во Турција каде е сместено најважното извозно пристаниште и каде што се одржуваат бројни саеми. Сигурни сме дека оваа линија ќе придонесе и за зголемување на бројот на туристи, како и за зајакнување на економската соработка меѓу двете држави. Со ваквиот потенцијал, се надеваме дека во иднина може да стане и редовна авиолинија во текот на целата година”, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиопревозникот Пегасус почнува да лета на релација Скопје-Измир од утре, втори јуни, и ќе лета до 27-ми октомври, секој четврток, со време на пристигнување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 14 часот и 20 минути и време на полетување за Аеродромот Аднан Мендерес во Измир, во 15 часот и 20 минути; како и секоја недела, со време на слетување во Скопје во 9 часот 55 минути и време на полетување за Измир во 10 часот и 45 минути.
Авиопревозникот Санекспрес ќе почне да лета на истата авиолинија на 12-ти јуни и ќе лета до 2-ри октомври и тоа секоја недела, со време на слетување на Меѓународниот Аеродром Скопје во 1 часот и 35 минути и време на полетување за Аеродромот Аднан Мендерес во Измир во 2 часот и 25 минути.
За сите детали во врска со резервации и продажба на авиобилети, од ТАВ Македонија ги упатуваат патниците да ги посетат веб-страниците на:
• Авиокомпанијата Pegasus Airlines www.flypgs.com/
• Авиокомпанијата Sunexpress www.sunexpress.com/en/
Од ТАВ Македонија очекуваат зголемен авиосообраќај во престојната летна сезона и на двата македонски аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје, од каде што во моментов се лета до 43 дестинации и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, од каде што моментално има летови до 13 дестинации.