Реконстуркција на улици, потполнување ударни дупки, поставена сообраќајна сигнализација, решавање на проблемот со паркинзите, осветлување на мостот на истекот на реката Црн Дрим, се дел од реализираните проекти на градоначалникот на Струга, Зијадин Села во изминатите 100 дена од неговиот мандат.
Струга, како што подвлече Села денеска на прес-конференцијата на која даде отчет за сработеното, повторно има двосмерна главна улица, чисти пракинг простори, како и обновен плочник на струшката чаршија.
– Иако дел од граѓаните беа скептични во моите предизборни ветувања, јас тоа што го зацртав го остварувам во првите 100 дена, рече Села.
Приоритет во работата му била комуналната хигиена во градот, која претходно беше на многу ниско ниво.
– Нема град без комунална хигиена и граѓаните денеска се сведоци дека Струга конечно е чист град. Секоја вечер улиците се чистат, а коминалното претпријатие во интерес на граѓаните работи во три смени. Сите фонтани низ градот се во функција, а обновена е и фонтаната на Градскиот плоштад која ме чинеше нула денари, нагласи струшкиот градоначалник.
Како прв човек на градот Села информира дека во овие три месеци направил десет пати помали трошоци во споредба со првите три месеци од годината, доде дека приходите се двојно поголеми.
– Во овој период од данок на имот од петти до седми месец собравме 12 милиони и 184 илјади денари, а во периодот од јануари до април се собрани седум милиони и 212 илјади денари. Од друга страна тоа што е важно граѓаните да знаат е дека за трошоци за репрезентација на градоначалникот од први до четрвти месец се потрошени 1.181.000 денари, а од петти до седми месец во мојот мандат 115.000 денари. Ние десеткратно имаме собрано повеќе даноци, а десет пати помалку трошоци сум направил јас како градоначалник, потенцира Села.
Струшкиот градоначалник најави дека и во иднина ќе продолжи да инвестира во патната инфраструктуа за поголема безбедост на граѓаните во сообраќајот, уредување и осветлување на кејот на реката Црн Дрим, но и дека ќе работи за зголемување на инвестициите во градот, собирање на даноците и помали расходи во општината.