Канадската компанија „ВеВи Телекомуникејшн“ претстави лап-топ што работи на соларна енергија наменет за активни корисници што се постојано во природа и немаат секогаш пристап до електрична енергија.
СОЛ лап-топот доаѓа со четири фото-напонски ќелии сместени во задниот дел од горниот поклопец кои се задолжени за полнење на батериите преку сончева енергија.
Батеријата со само два часа полнење овозможува десет часа активно користење.
Лап-топот е со тежинa од 2,5 килограми и има 13,4 инчен екран со ХД резолуција, 2 гигабајти ДДР3 РАМ меморија, САТА цврст диск од 320 гигабајти и Интел процесор Атом Д2500. СОЛ работи на Убунту Линукс оперативен сситем.
Достапни се две изведби, стандардна и Сол Марин кој ќе биде водоотпорен.
Цената на основниот модел ќе изнесува 350 долари, додека СОЛ Марин е за 50 долари поскап и ќе чини 400 долари.