Генералштабот на Украина извести за голем број руски напади во земјата и предупреди на опасност од воздушни напади од Белорусија.
Главниот фокус на борбите е источна Украина, каде што се одбиени 11 напади, се наведува во дневниот извештај за ситуацијата во земјата. Украина и понатаму е загрозена од рускиот сојузник Белорусија, која официјално не води војна, се вели во извештајот.
Покрај тоа, бродови на руската морнарица се распоредени во Црното и Азовското Море за борбени и извидувачки операции, се додава во извештајот. Генералштабот објави дека руските војници ги спречуваат цивилите да побегнат од областа Херсон на територијата под контрола на Украина и ги блокираат новите хуманитарни коридори.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека од бродови во Црното Море биле истрелани проектили врз цели во Украина. Оружјето донесено од Европа и САД било уништено во регионот Житомир, тврди Москва. Воен камп за обука во близина на пристанишниот град Одеса бил нападнат со проектили и артилерија, се додава во нивното соопштение.