Телото на Матеј Периш денеска од црквата Свети Антониј во Белград ќе биде испратено во Сплит, каде ќе биде погребан, соопштија од белградската надбискупија. Телото ќе биде изложено во црквата од 15 часот, а во 17 часот ќе има испраќање кое ќе го предводи белградскиот архиепископ Станислав Хочевар, јавуваат српските медиуми.
Вчера беше потврдено дека младиот човек чие тело беше пронајдено во Дунав е Матеј Периш. Според Телеграф, ДНК анализата докажала дека се работи за исчезнатиот сплиќанец. Причината за смртта, е давење, покажала обдукцијата. Ќе се прави и токсиколошка анализа, но овие резултати се очекуваат за неколку недели.
„Според прелиминарниот обдукциски извештај смртта била ненасилна. Припадниците на МВР од исчезнувањето на хрватскиот државјанин интензивно трагаа по него и ги презедоа сите мерки и дејствија за негово пронаоѓање и расветлување на сите факти и околности на неговото исчезнување“ – соопштија од белградската полиција.