Богата културна понуда од утре до петти септември ќе проследат жителите на Карпош, но и на другите љубители на културата на шестото „Карпошово културно лето 2013“.
– Ќе имаме концерти на забавна, народна, класична музика, рок, но и театарски претстави, филмски вечери со проекции на играни и документарни филмови – рече градоначалникот Стевчо Јакимовски додавајќи дека се подготвени неколку ексклузивитети, меѓу кои и балканската сензација „Црвена јабука“.
Концертот ќе се одржи на игралиштето „Сокол“ во дваесет часот и триесет минути.
– Легендарниот Жера, со познатите „Дирлија“, Има нешто од срца до срца“ и многу други“ ќе го означи почетокот на речиси едномесечното наше дружење со љубителите на културата. На 21 август вечерта е резервирана за авторската музика на Огнен Неделковски, на 29 август нашата мега-ѕвезда Каролина Гочева ќе има целовечерен концерт, а во меѓувреме, се очекува голем интерес да предизвика ретро-забавата што ќе ни ја понудат Драган Б. Костиќ и Вера Јанковиќ на Скејт-паркот во Карпош. За љубителите на балканскиот мелос и на босанските севдалинки, на 27 август повторно гости на Карпош ќе бидат и КУД „Пролетер“ од Сараево, а „Културното лето 2013“ ќе се заокружи со концерт на Зуица Лазова и Наум Петрески – најави Јакимовски.
Тој додаде дека се надева дека шестото по ред „Карпошово културно лето“, за чија организација и реализација се вложени околу 3.000.000 денари, на жителите на Карпош и на љубителите на културата од Скопје и од Републиката ќе им понуди навистина пријатно освежување во жешките летни вечери.