Лидерот на кубанската револуција Фидел Кастро, кој пред седум години се повлече од власта, денеска, во целопсна дискреција во својата куќа во западниот дел на Хавана, го прослави својот 87. роденден, соопштија француските медиуми.
Само со еден концерт во градскиот парк во престолнината и со промоција на две книги за него, ќе биде официјално одбележан роденденот на човекот кој во својата земја продолжува да се нарекува „команданте“, и покрај повлекувањето од власта во корист на помалиот брат Раул.
– Живеам за да се борам, напиша Кастро во долгото писмо, адресирано до осум шефови на држави и влади, кои на 26 јули допатуваа во Куба да учествуваат во празнувањата по повод 60-годишнината од вооружениот напад врз касарната „Монкада“ во Сантјаго де Куба, извршено од група револуционери под раководство на Фидел Кастро.
И покрај неуспехот, тој настан го одбележа почетокот на процесот што прерасна во кубанска револуција и го отвори патот на Кастро за заземање на власта на 1 јануари 1959 година. Кастро не присуствуваше на церемониите.
Неговата здравствена состојба останува државна тајна по преживеаната тешка операција,што го принуди да му ја предаде власта на Раул, на 31 јули 2006 година.
При едно од своите последни појавувања, кога на 3 февруари отиде да гласа во училиште во квартот Ведадо, тој беше побелен и подгрбавен од тежината на годините, и одеше внимателно, со помош на бастун.