Поранешниот премиер Ибрахим Бубакар Кеита е прогласен за победник на претседателските избори во Мали и пред официјалното прогласување на резултати, откако неговиот противкандидат, поранешниот министер за финансии Сумалија Сисе, го призна поразот.
– Отидов да го видам, да му честитам и да му посакам среќа, рече Сисе.
Како што пренесуваат француските медиуми, победата на Кеита беше очекувана. Овие избори, први од 2007 година, се од клучно значење за одмрзнување на ветените повеќе од четири милијарди долари помош, што меѓународните донатори ја прекинаа по
минатогодишниот пуч.
Двајцата кандидати се соочија и на претседателските избори во 2002 година кога ги порази Амаду Тумани Туре, кого воената хунта го собори од власта во март 2012 година, пред крајот на неговиот последен мандат.
Со повторното воспоставување на демократска управа во земјата Франција ќе може да повлече повеќемина од своите 4.500 војници кои во јануари ги испрати во Мали за да се пресметаат со екстремистите поврзани со Ал Каеда.
Во хаосот што настана по пучот, екстремистите го окупираа северот на земјата и наметнаа брутално спроведување на шеријатот, со егзекуции и ампутации на екстремитети.
Мировната мисија на ОН, во рамки на која се наоѓаат повеќе од 6.000 африкански војници, беше задолжена за безбедноста на изборите и таа ќе продолжи и неколкумесеци по изборите. До крајот на годината во составот на мировните сили ќе има 11.200 војници и 1.400 полицајци.
Мали е трет најголем производител на злато во светот, но економскиот раст во земјата минатата година се намали за 1,2 отсто, а расширената сиромаштија придонесе за немири на северот, каде неколку групи се борат за доминација во празниот простор што настана кога исламистите побегнаа од таму.
Во северниот дел на Мали, главно живеат Туарези и Арапи (и едните и другите се со посветол тен) кои ги обвинуваат подсахарските етнички групи, кои живеат на поуспешниот југ од земјата, дека сакаат да ги маргинализираат.