Над 100.000 луѓе се пријавиле за заминување на Марс со желба таму да го минат остатокот од својот живот, во рамки на проектот Марс 1, чија цел е населување на црвената планета по 2022 година.
– Голем број луѓе се уште ги средуваат своите биографии или немаат уплатено за пријавување, работат на својот видео запис или не пополниле прашалник, истакнува Бес Ленсдорп, еден од основачите на овој приватен проект.
За карта во еден правец до Марс може да се пријават лица постари од 18 години. Годинава се избираат 40 кандидати од кои само четворица ќе може во септември 2022 година да заминат за Марс, каде би требало да стигнат до април 2023 година.
Следната група потенцијални патници се очекува да тргне две години подоцна. Враќање на патниците на Земјата не е предвидено, наведува Си-Ен-Ен.
Астронаутите ќе треба да минат обука од осум години. Мисијата чини шест милијарди долари, а се финансира од спонзори, меѓу кои се и медиуми, што за возврат ќе добијат ексклузивни права за пренесување од тренингот па се до заминувањето на учесниците.