Се очекува денеска Финска да ја соопшти одлуката дали ќе бара членство во НАТО, а Шведска најверојатно ќе го направи истото наскоро, пишуваат британски медиуми.
Според дипломати и официјални лица, Финска денеска ќе се изјасни за намерите да му се придружи на НАТО сојузот, јави Гардијан.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон вчера вети дека земјата ќе ги брани Шведска и Финска, доколку дојде до руска закана. Во Стокхолм и Хелсинки, Џонсон потпиша безбедносни договори.
Норвешка, Данска, Летонија, Естонија, Литванија се веќе во НАТО. Влезот на Финска и Шведска, најверојатно, ќе ја налути Москва. Земјата тврди оти зголемувањето на Алијансата претставува директна закана за безбедноста на Русија, наведува Гардијан.
На прашањето дали влегувањето на Финска во НАТО, ќе биде провокација за Русија, финскиот претседател Саули Нинисто одговори дека за тоа треба да се обвинува Владимир Путин.
– Мојот одговор би бил – вие го предизвикавте ова. Погледнете се во огледало, беше неговиот одговор.
Извор: МИА