Од 500 на 1.200 ќе се зголеми бројот на интервенциите за катаракта до крајот на годината во неколку градови и тоа во Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Струмица, како и во Скопје, а истовремено се намалува и времето за чекање за интервенција, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Оваа нова мерка за унапредување на офталмологијата е со цел регионално зајакнување на постојните капацитети на очните одделенија. Бројот на операциите ќе се зголеми за 600-700, а истовремено, вели министерот, ќе се постигне намалување на листите за чекање во сите очни одделенија, посебно во Скопје, како и добивање здравствена услуга во близината на местото на живеење.
Тодоров рече дека за операција на катаракта се чека од три до шест месеци, а интенцијата е овој период да се намали на околу два месеца.
На листата на чекање за оваа интервенција во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје има 1.000 пациенти од сите делови на земјата, додека на Универзитетската клиника во просек годишно има 1.200 операции на катаракта.