Низа незаконистости утврди ревизијата на проектот Скопје 2014 во 57 те постапки за подигнување на спомен обележја во централното подрачје, а за кои се потрошени 55 милиони и 418 илјади евра.
Комисијата составена од екс корупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски во првиот извештај по три месеци од почетокот на работата посочија дека незаконски се постапувало.
Од 2007 година до 2013 година за изведба на спомениците од централниот буџет се префрлени кон Центар 58 милиони евра за кои нема законска оправданост.
Локалната власт не може да добива средства од буџетот на РМ за подигање споменици, но сепак се впуштила во спроведување прокети кои не се во нејзина надлежност.
Сепак, со применетиот моддел на постапување со вградени процедури, според Тасева требало да се создаде впечаток дека се почитуваат законските одредби.
Во објавените конкурси наведена е пресметководната вредност на спомен обележјата, која често се разликува од сумите во потпишаните договори за изработка на идеен проект. Во конкурсот на спомен облежјето на Методија Андонов Ченто, за изработка на идеен проект, пресметковната вредност е 4 милиони денари.
Сепак, Центар исплатила 9,9 милиони денари, а за изработката на скулптурата во мермер 50 милиони денари,односно 813 илјади евра. Вкупно за оваа скулптура се потрошени 1 милион и 69 илјади евра.
Општина Центар, и покрај заклучоците на Советот, склучувала договори со автори различни од оние кои ги избрал одборот. Пример, за спомен обележјето на Методија Андонов Ченто, како прво рангиран бил избран идејниот проект на скулпторот Александар Ивановски-Карадаре, но бил склучен договор со Димитар Филиповски, кој бил второрангиран.
Центар спроведувала јавни набавки за да се стигне до економски најприфатлива цена, но често со договорите се надминувани пазарните вредности, а дополнително биле правени анекси за дополнителни јавни набавки. Пример, за Методија Андонов Ченто, по 1500 евра биле исплаќани за метар квадратен изработен релјеф, 16.200 евра за изнајмување хангар, или по 6 евра за квадрат, за загревање на хангарот 600 евра, за четири соработници по 700 евра месечно, за помошниците по 300 евра месечно, за храна пијалоци и кафе за 9 месеци се потрошени 9 илјади евра.
Комисијата забележала и појави кои допрва ќе ги анализира. Спомен обележјето на Никола Карев според документацијата е изведено во мермер, но тој е излиен во бронза.
Градоначалникот Владимир Тодоровиќ имал решение за спомен обележје лиено во бронза до вредност од 5 милиони денари. На денот на објавување на огласот, донел ново решение и ја зголемил вредноста на 45 милиони денари, со оглед дека треба да се изработи во мермер и дека не се доволни средствата.
Сепак Никола Карев беше излеан во брозна, а каде завршија 40 милиони денари ќе се утврдува во следните три месеци. Слична е состојбата со спомен обележјето на Воин (Филип Втори) каде има отстапување во изведбата на спомен обележјето во однос на објавениот конкурс.
Дел од огласите биле елиминирачки, со цел да се исклучи конкуренцијата како тој за споменикот на Александар Македонски, за кој се барало фирмата да има обрт од 3 милиони евра во последните 3 години што автоматски води во леарницата во Фиренца и ги исклучува останатите.
Општина Центар реализирала и градба на два пешачки моста како и две фонтани во Вардар, вредни 1,1 милиони евра иако тоа не спаѓа во надлежност на Центар, туку на Градот Скопје-одржување и уредување на речните корита во урбанизирани делови на Скопје.
Иако општината Центар со акти ги именувала како спомен обележја, кои се однесуваат на личности од локално значење, сепак станува збор за меморијални споменици, за кои одлука може да донесе само Собранието на РМ.
Одборите кои требало да ја контролираат целата постапка биле маргинализирани, односно немало контрола за јавните набаки за лиење на спомениците. Најмногу иницијативи за спомениците стигнувале од Министерството за култура, а целата постапка била спроведувана пред воопшто да биде донесена Програма.
Тасева и Малиновски најавија дека за три месеци ќе излезат со сите детаљи и конкретни суми, што е цел на вториот изветаштај .