Велика Британија денеска ги отфрли предлозите на ЕУ за решавање на трговските правила за Северна Ирска во периодот по Брегзит.
Беше договорен протокол кој вклучува царинска граница на море меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија, но Лондон сега тврди дека оваа бирократија повеќе не може да се толерира. Со месеци, британската влада се заканува дека ќе се откаже од голем дел од протоколот, зголемувајќи го ризикот од трговска војна со Европа во време на зголемена инфлација.
Брисел понуди олеснување на царинските проверки во октомври, но министерката за надворешни работи Лиз Трас рече дека тоа не го решава клучниот проблем. Напротив, предупреди таа, „во некои случаи тоа нè враќа назад“.
– Цените пораснаа, трговијата е нарушена и луѓето во Северна Ирска се подложени на различни закони и даноци од оние преку Ирското Море, оставајќи ги без извршно тело и ова е закана за мирот и стабилноста, рече Трас.
Владата, додаде Трас, сака решение преку преговори, но „нема да се воздржува од преземање чекори за стабилизирање на ситуацијата во Северна Ирска доколку не се најде решение“.
Извор: МИА