Европа мора значително да ја зајакне заштитата на своите граници и подобро да се подготви против тероризмот, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
На конференцијата на ОН за борба против тероризмот во Малага, јужна Шпанија, тој рече дека зголемената активност на терористичката група Исламска држава и радикализацијата што може да резултира од можниот претстоен недостиг на храна е значајна закана за континентот.
Европа се соочува со голем број безбедносни предизвици, рече Сијарто за време на конференцијата, наведувајќи ја војната во Украина и нестабилноста во јужното соседство на континентот, соопшти унгарското Министерство за надворешни работи.
Европа не смее да дозволи војната во Украина целосно да го оттргне нејзиното внимание од она што се случува на нејзиниот југ, додаде унгарскиот министер.
Сијарто рече дека војната во Украина, исто така, претставува значаен предизвик во борбата против тероризмот, откако Исламската држава ги повика своите следбеници да го искористат овој конфликт и да извршат напади во Европа.
Друг важен фактор, рече тој, е што Русија и Украина учествуваат со 15-16 отсто од светскиот извоз на житарки, што се очекува значително да се намали во наредните месеци. Тоа ќе доведе до проблеми во снабдувањето со храна на места каде безбедносната ситуација е веќе нестабилна, рече Сијарто.
Според него, тоа би можело да предизвика натамошна дестабилизација во Африка и некои земји на Блискиот Исток, што би довело до ширење на екстремистички идеологии и тероризам.
Шефот на унгарската дипломатија изјави дека треба значително да се зајакнат напорите на ОН во борбата против тероризмот, бидејќи во спротивно Европа во блиска иднина ќе се соочи со сериозни закани од тероризам.
Сијарто рече дека ОН треба да одвојат повеќе финансиски средства за борбата против тероризмот.
Извор: МИА