Германските власти „тивко“ се подготвуваат за каков било ненадеен прекин на испораките на руски гас со итен пакет кој може да вклучи преземање контрола врз клучните компании, изјавија за Ројтерс три лица запознаени со ова прашање, пренесува Еуроактив.
Подготовките ги води Министерството за економија како дел од подготовките за можни проблеми со снабдувањето со гас, клучни за низа економски сектори, вклучувајќи челик, пластика и автомобили.
Рускиот гас сочинуваше нешто повеќе од половина од увозот на Германија минатата година, а Берлин е под притисок да го прекине бизнисот поради руската инвазија на Украина и санкциите на Западот кон Русија.
Властите сега ги разгледуваат опциите во случај на криза со снабдувањето со гас, вклучително и национализацијата на енергетските компании, нагласува еден извор, додавајќи дека таквиот потег, според нив, треба внимателно да се одмери и да се оправда со обезбедување на снабдувањето, а не со казнување на Русија.
Германија би можела да преземе удели во други компании, според два други извори. Владата повлече сличен потег во 2018 година, кога државната развојна банка KfW купи 20 отсто од операторите на електричната мрежа од 50 Hertz за да ја блокира понудата на кинеската компанија.
Официјалните лица, исто така, размислуваат како KfW би можел да го намали притисокот врз клучните компании со тоа што ќе ги поддржи со нови заеми или итни кредитни линии што би можеле да ги искористат доколку цените на енергенсите продолжат да растат и наметнат поголема обврска за купување на берзата.
Претходно оваа година, државната развојна банка и помогна на енергетската компанија Uniper, бизнисот со гас VNG на EnBW и операторот на електрана на јаглен Leag да ја надминат нестабилноста на енергетските пазари.
KfW одби да каже на кои компании им помогнал.
Германија, исто така, размислува за модели за рационализирање на гасот во случај на криза. Регулаторот треба да утврди дали приоритет во понудата може да се даде на индустријата, а не на домаќинствата, што би било пресвртница во сегашната политика.
Пакетот мерки се уште не е завршен, а еден извор предупреди дека се уште се разговара за преземањето на малцинските акции во компаниите и интервенцијата во рафинеријата „Шведт“ и дека конечната одлука не е донесена.
Извор: МИА