Бегалците од Украина стануваат се поранливи на трговците со луѓе додека беснее војната, се вели во новиот извештај, во кој се бара регистрација на жртвите, особено на децата без придружба.
Повеќе од два милиони деца ја напуштиле Украина откако Русија ја нападна на 24 февруари, се вели во извештајот на 42 страници, составен од холандската организација за борба против трговијата со луѓе Ла Страда, а нарачан од британскиот Фонд за слобода.
„Луѓето кои бегаат од војната, главно жени и деца, се крајно ранливи и се соочуваат со зголемен ризик од сексуална и трудова експлоатација бидејќи организираните криминални групи и индивидуалните профитери ги користат превирањата“, се вели во соопштението на групите.
Веќе има знаци на активност на трговија со луѓе од почетокот на војната „и веројатно е дека овие ризици ќе се зголемат во наредниот период, како што војната продолжува“, се вели во извештајот.
Студијата, заснована на истражување направено во март и април со помош на податоци од ОН и други, повика на „итна акција“ од европските влади и меѓународните агенции „да инвестираат во промоција на регистрацијата на бегалците за да се обезбеди брз пристап до мерките за заштита“.
Особено, малолетниците без придружба и децата одвоени од нивните семејства треба да се идентификуваат и регистрираат „што е можно порано“ и да се следат преку транзитните точки.
Во извештајот се повикува на спречување на посвојувања, што може да доведе до сексуална експлоатација на деца или нелегално посвојување – Напорите прво треба да се фокусираат на повторно обединување на децата со нивните семејства.
На другите ранливи групи, вклучувајќи жени, неукраински граѓани и членови на ромската заедница, треба да им се дадат соодветни информации за опасностите од трговијата со луѓе, се вели во извештајот.
Извор: МИА