Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш синоќа повика на „безбедно“ и „достоинствено“ враќање на раселените лица во Нигерија. Тој изјавата ја даде по посетата на североисточниот дел на земјата, каде што џихадистичкиот бунт трае десет години.
– Решение е да се создадат безбедни услови, услови за развој за да можат безбедно и достоинствено да се вратат дома, рече Гутереш на прес-конференција.
Генералниот секретар на ОН, кој вчера попладне пристигна во Мајдугури, Борн, центарот на џихадистичкиот бунт, ја даде изјавата по посетата на бегалски камп. Одговарајќи на новинарско прашање, Гутереш рече: Секако дека условите во бегалската населба … не се добри. Јас бев Висок комесар за бегалци. Никогаш не сум видел бегалски камп во кој би сакал да живеам со моето семејство. – Затоа го правиме она што треба да го направиме во однос на хуманитарната помош за овие кампови, осигурувајќи се на крајот на краиштата да обезбедиме развој и безбедност, додаде тој.
Генералниот секретар на ОН, без придружба на новинари, посети камп за превоспитување на поранешни џихадистички борци. Тој се залага за „враќање во општеството на оние кои во момент на очај станаа терористи и кои сега сакаат да бидат граѓани“ кои ќе се залагаат за мир.
Пред да замине за Нигерија, Гутереш утрото ги посети бегалците и раселените лица во западен Нигер. Турнејата во тој дел од Африка треба да заврши денеска.
Кон крајот на март, повеќе од 4.000 Нигеријци кои избегаа од насилството на терористичката Исламска држава и џихадистичката група Боко Харам се вратија дома и покрај несигурноста.
Во џихадистички бунт што избувна на североистокот во 2009 година загинаа повеќе од 40.000 луѓе, а 2,2 милиони беа раселени.
Извор: МИА