Мојот личен став, и ставот на мојата Партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет, тој е ист, порача премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
„Мојот став е ист и кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист и кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и вашата партија, вашите сопартијци во најголемиот криминален проект Скопје 2014-та година. Не знам, дали го имате на сликите во вашиот бел дворец. Но, знам дека токму ВМРО ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето, во Битола, водена од градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. Срамно е што вие во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров, и на Протогеров за кого редовно пеете песни. Патем, нивниот ученик и соработник, токму Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации. Како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери. Како што тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а вие тоа го прифаќате и се гордеете со тој континуитет“, порача Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека дел од основачите на клубот Ванчо Михајлов се фотографирани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека токму таа партија го слави ликот и делото на Михајлов.
„Па свртете се, ве молам, околу Вас, во белиот дворец, видете ги сликите во него, прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, не јас, ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите сограѓани. Веднаш по отворањето на Центарот, за што веќе ви кажав дека не се согласувам, дадов насоки на надлежните ресори, Министри, да направат анализа зошто нема законска регулатива со која ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени. И најважно, да подготват законска основа за соодветно третирање на истите.
И на крај, планирам директно да го информирам колегата Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаме намера да отвориме нов културен Центар на Република Северна Македонија во Благоевград. Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја. И ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето“, порача Ковачевски.