Естонија им се придружи на Латвија и на Литванија во забраната за прикажување на „Z“ и „V“ симболите што ги користат поддржувачите на Русија во војната против Украина.
Таквата одлука денеска ја донесе Парламентот во Талин.
Според усвоените мерки, предвидени се и соодветни казни за прекршителите, од 1.200 евра за поединци кои ги покажуваат симболите, додека за компаниите казната може да достигне и до 32 илјади евра. Забраната предвидува и можност за приведување на прекршителите.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина руските воени возила се обележани со буквите „Z“ што значи „За победа“ и „V“ што значи „силата е во Вистината“. Двата симболи ги користат поддржувачите на руската страна во конфликтот.
Извор: МИА