Нови препукувања и нови поделби се појавија деновиве на политичката сцена, особено меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Кој ќе оди на летување во Грција, а со тоа ќе ги полни џебовите на Грците – е прашањето околу кое повторно се поделија политичарите кои припаѓаат на различни политички опции.
Преку социјалните мрежи, но и преку медиумите социјалдемокартите беа обвинети дека со тоа што одат на одмор во Грција го полнат испразнетиот грчки буџет. Функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, пак, бжеа пофалени дека одморот ќе го поминат на други дестинации, но пред се дома во Македонија.
Дебатата се вжешти откако пред неколку дена ТВ Сител објави дека опозицијата пак ќе го стимулира испразнетиот грчки буџет, потенцирајќи дека пратениците Игор Ивановски и Јани Макрадули веќе се сончаат во Грција, а потоа се очекува да им се придружи Горан Минчев. Ним друштво им прави аменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која „пие коктели со своите сопартијци кај јужниот сосед“.
По ова порталот Мактел објави слики од како што се вели „патриотите на одмор во Грција“, каде освен градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, порталот наведува дека може да се забележи и министерот за здравство Никола Тодоров.
Експертите коментираат дека целата оваа дискусија намерно се наметнува за да се сврти вниманието од други теми. Тоа, објаснуваат тие, е дневна политика во која покрај другите поделби кои ги имавме досега, антички Mакедонци наспроти словенски Mакедонци, предавници наспроти патриоти, сега се случува уште една можеби не толку нова поделба која годинава е се поизразена, односно нападот кон оние кои одат на одмор во Грција.
Социологот Илија Ацевски, вели дека станува збор за една партиска пресметка помеѓу групите на една и друга партија, во случајов ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, а се создава една поделба која длабоко еродира во битните политички моменти. Овие ниски удари, како што вели тој, ја претставуваат само ситуацијата во која оние кои се на власт, со сета моќ која ја поседуваат се обидуваат да ја сатанизираат другата страна до крај.
„Со ова граѓаните почнуваат да се разочаруваат во политиката и во можноста дека сеуште нешто може да се смени и направи“, додава Ацевски, додавајќи дека никој не ја гледа позадината на сето тоа.
„Ако овој народ се остави две недели да не слуша телевизија или радио, тој веднаш ќе се крене на револуција. Ако народот не е замајан со вакви работи, како во случајов со летувањата во Грција, тој ќе почне да бара решавање на проблемите“, објаснува Ацевски, велејќи дека оваа ситуација се нарекува „ментална конфузија“. Оваа ментална конфузија го држи народот во ситуација на некоја „будност“ само за работите кои немаат големо значење во реалниот живот, вели тој, заклучувајќи дека суштински власта се користи со едноставно замаглување на јавноста со некои проблеми кои не се ни малку битни за Македонија.
Темјана Поповска