Поддршка на семејството на 24-годишната Викторија, која загина кај „Сити мол“, на денешниот протест ред Кривичниот суд дадоа родители и на други деца што загинаа во сообраќајни несреќи. Заеднички изразија револт од малите затворски казни досудени за возачите и побараа повисока казна за возачот што ја прегази Викторија и доби три години затвор.
„Ова се имиња на сите деца загинати во сообраќајни нереќи. За некои не се ни почнати судењата, има и завршени, со по три години затвор, а не издржале ништо. Ниту еден ден не влегле во затвор. Што сме ние? Дали сме само статистики и бројки. Мојот син беше ангел што одеше на земјата. Каде е сега, каде да го барам?“, праша мајката на велосипедистот Кристијан, кој загина во 2016 година.
Таа бара да се сменат законите за да може убијците на нивните деца да ги добијат заслужените казни.
„2016 година, 20 септември, е убиен мојот Кристијан. Јас сум пет и пол години црна мајка. Одам како робот, одам на работа, зошто одам, за кого одам. Секој ден сум кај него, пијам кафе со него, му кажувам како ми поминал денот, дали е ова нормално? Мојот син е убиен од пијаница, три промили алкохол во него. Мојот син велосипедист, спортист, чудо од дете. И каде да го барам сега? Пијаницата возел со 150 километри на час, сведоци и сѐ имавме, бадијала. Осуден е на четири години. Поминаа четири години, си излезе, сега е дома. Не му е ни прво дело, имал и други случаи, вечен пијаница. Каде да барам правда, кој мене ќе ме сослуша? Ние само чуваме деца во оваа држава за да ни ги газат на улиците, да ни ги уништуваат фамилиите. Кому да му гледам радостите, кому да му се радувам, да уживам во неговите сини очи. А пијаницата си е дома. Им благодарам на сите тие што го штитеа“, гневна е мајката на Кристијан.
Родителите на Викторија се сомневаат дека судијката била под притисок за изречената казна за возачот што ја прегази.
„Не можеше под притисок да ја прочита нивната пресуда. Гласот тотално ѝ трепереше, најверојатно, е под голем притисок. Нека си признае, јавно нека излезе“, вели таткото на Викторија.
Кривичниот суд преку соопштение им се обрати на родителите што протестираа. Укажа дека пресудата за возачот што ја прегази Викторија не е правосилна и дека подлежи на дополнителни проверки од повисоките судови. За пресудата, од судот објаснија дека морало да ги земат предвид олеснителните околности, односно признавањето вина од возачот, неговата возраст и околностите под кои е сторено делото.