Утре во 10 часот, започнува судењето на новинарот Томислав Кежаровски.
Иницијативниот одбор за за ослободување на Кежаровски денеска излезе со јавен апел, со кој се повикува Судот да му овозможи одбрана од слобода.
Еве што стои во соопштението.
„Пред почетокот на судењето на нашиот колега Томислав Кежаровски, закажано за в петок во 10 часот во Кривичниот суд во Скопје, упатуваме јавен апел и уште еднаш бараме судот да му овозможи да се брани од слобода.
Не прејудицирајќи ја судската одлука, укажуваме дека Кежаровски ја вршел својата работа како новинар и пишувал за теми кои се од јавен интерес. Судот треба да ја има предвид функцијата на новинарството во едно демократско општество и каков ефект има притворањето на Кежаровски врз слободата на говорот и работата на другите новинари.
Уште еднаш потенцираме дека против одлуката Кежаровски да се држи во притвор повеќе од 70 дена застанаа сложно сите медиумски организации и здруженија и најголем дел од македонската јавност.
На притворањето на Кежаровски реагираа и многу меѓународни новинарски здруженија и асоцијации, организации за човекови права, странски амбасади во РМ, како и меѓународни институции кои мерката ја оценија како чекор кој е загрижувачки и кој ги намалува демократските капацитети и слободи во Македонија.
Почетокот на судењето е вистински момент судот да застане на страната на правдата, законитоста и Уставот на Република Македонија кој ги гарантира основните слободи и права на граѓаните, слободата на печатот и на изразувањето и да му овозможи на новинарот Кежаровски да се брани од слобода“, се вели во апелот до Кривичниот суд од страна на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски.