Норвешка денеска назначи нов министер за одбрана, откако претходниот поднесе оставка по критиките во јавноста за неговата врска со многу помлада жена, јави ДПА.
Бјорн Арилд Грам, поранешен министер за локалнa администрација, ќе ја преземе функцијата по оставката на Од Роџер Еноксен, соопшти премиерот Јонас Гар Штере.
Зигбјорн Ѓелсвик, член на норвешкиот парламент, треба да ја преземе функцијата на Грам. Грам, Еноксен и Ѓелсвик се членови на земјоделската партија Центар, помалиот партнер во владата предводена од Лабуристичката партија на Штере.
Еноксен, кој беше назначен за министер за одбрана во октомври минатата година, ја објави својата оставка во саботата, откако го потврди извештајот во весникот „Верденс ганг“ и ја призна врската со помладата жена пред неколку години. Кога се запознале во 2005 година, тој имал 50, а таа 18 години.
Извор: МИА