Од денeска стапува во сила новиот Закон за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, кој предвидува јавно објавување на имињата на соработниците на тајните служби.
Со Законот популарно познат како Закон за лустрација ќе биде опфатен периодот до 2006 година, кога почна примената на Законот за слободен пристап до информации. Новина што ја предвидува законот е лустрирањето на лицата кои стекнале капитал во претпријатија со општествена сопственост, согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Со новиот закон Комисијата за лустрација состави и нов деловник за работа, според кој што членовите на комисијата ќе може да расправаат најмногу три минути за досие на функционер, а одлуките на комисијата ќе има право да ги соопштува само нејзиниот претседател.
Согласно новиот закон, обврска за поднесување изјава до Комисијата ќе имаат сите поранешни и актуелни носители на јавни функции, претседателот на државата, премиерот, министрите, пратениците, судиите, јавните обвинители, Народниот правобранител, адвокати, нотари, медијатори, директори на јавни претпријатија, членовите на МАНУ, воените лица, вработени во високо образовните институции.
Новинарите, верските лица, невладините организации и членовите на политичките партии со новите одредби немаат обврска да поднесат изјави до Комисијата за лустрација.
Ова е втора промена на Законот за лустрација. Новиот закон е потесно фокусиран откако Уставниот суд кон крајот на март укина 12 контроверзни одредби од претходниот закон за лустрација, што беше усвоен во 2008 година.