Главниот секретар на Хонг Конг (втора најважна функција) Џон Ли ќе биде единствениот кандидат што ќе ја добие поддршката од Пекинг на претстојните избори на 8 мај за шеф на администрацијата (владата), јави денеска Сау Чајна Морнинг Пост (South China Morning Post).
Тој поднесе оставка за да учествува во изборната кампања. Извори на весникот забележуваат дека ниту еден од другите сериозни кандидати нема да се вклучи во битката за функцијата. Според весникот, раководството на кинеската централна владина служба во Хонг Конг на денешниот состанок со членовите на Изборниот колеџ јасно ставило до знаење дека Џон Ли ќе биде единствениот кандидат за највисокото место поддржано од Пекинг.
Кандидатот (64) до јуни минатата година беше главен офицер за безбедност на Хонг Конг како секретар (министер) за безбедност, а претходно долги години служеше во полиција. Аналитичарите забележуваат дека кинеските власти го ценат неговиот придонес во зајакнување на националната безбедност во овој посебен административен регион и за воспоставување ред по масовните протести во 2019 година.
Пријавувањето на кандидатите за изборите почна минатата недела. Во понеделникот шефицата на администрацијата, Кери Лам, ја објави својата одлука да не се кандидира за втор мандат поради семејни причини. Други претенденти сè уште нема.
Изборите првично беа закажани за 27 март, но поради пандемијата на Ковид-19, тие беа одложени за 8 мај.
Највисоката позиција во Хонг Конг се одредува со гласање во изборен колеџ. Во согласност со минатогодишните изборни реформи, телото се прошири од 1.200 на 1.500 членови. Согласно новите правила за номинација неопходни се најмалку бараат најмалку 188 гласачи и најмалку 15 номинации во секој од петте сектори на телото, што ја прави задачата многу потешка. Својата намера да учествуваат на изборите досега јавно ја објавија двајца бизнисмени и уште неколку малку познати личности без политичко искуство. Шансите нивните кандидатури да бидат регистрирани се исклучително мали.
Мандатот на новиот лидер на администрацијата ќе почне на 1 јули, на 25-годишнината од преминувањето на поранешната британска енклава под кинеска јурисдикција по формулата „една земја – два системи“.
Извор: МИА