За првото полугодие од годинава Тутунскиот комбинат – Прилеп работи со загуба.Според консолидираниот извештај, загубата изнесува 1,5 милиони евра, што е за 550 илјади евра поголема во споредба со истиот период минатата година.
Извештајот доставен до Македонска берза покажува дека за првите три месеци Тутунскиот комбинат прокнижил загуба од 400 илјади евра, додека лани за периодот од јануари до март Комбинатот имаше загуба од 1,1 милион евра.Прилепскиот загубар има околу 1000 вработени, но користи само 20% од капацитетите.
Прилепскиот загубар очигледно и оваа година нема да се извлече од минусот во работењето.Државата,која е мнозински сопственик и поседува околу 72% од акциите,безуспешно се обидува да го продаде Комбинатот.
Тутунскиот комбинат – Прилеп е втора најголема компанија за производство на цигари и држи 19 отсто од пазарот, додека на прво место е Империал Тобако ТКС од Скопје со 61 отсто од продажбата.
Според планот за работа, компанијата планира производство на 1,3 милиони килограми цигари ,од кои 710.000 килограми се наменети за продажба на домашниот пазар,а 590.000 килограми за продажба на странскиот пазар. На домашниот пазар се планирани приходи од продажбата на цигари во вредност од 8,8 милиони евра, додека планираните приходите од продажбата на странскиот пазар изнесуваат 3,1 милион евра.Планираната загуба на комбинатот ќе биде двапати поголема од лани.
Судбината на долгогодишниот загубар и понатаму останува неизвесна.Генералниот директор, Александар Дерменџиев, неодамна ја правдаше загубата на Комбинатот со намалената побарувачка на цигарите што се произведуваат.
Нејасно е како државниот Тутунски комбинат тоне во загуби со години во време кога некои приватни компании како Сокотабак,Струмица табак, Lions one и др. влегуваат во првите 50 топ-извозници од земјава и работат профитабилно,додека Тутунскиот комбинат прави загуби од 11,5 милиони евра минатата година,22,5 милиони евра во 2011 година итн.
А.Ш.