Венлок е официјалната маскота на Олимписките игри кои почнуваат за десет дена во британската престолнина, Лондон.
Улогата на Венлок е престижниот спортски собир да го доближи до најмладите и да го поттикне нивниот интерес за спорт, соопштија вчера организаторите на Игрите.
Маскотата Венлок е дело на студиото „Ајрис” од Лондон, а овој предлог за маскота на Олимпијадата победил во конкуренција од повеќе од 100 пристигнати креации на дизајнери, уметници и агенции на конкурсот „Компит Фор” во 2009-та година.
„Маскотата е дел од едукативната програма на Игрите и нејзината намена е децата да ги учи за спортските вредности и олимписките натпреварувања”, велат организаторите.
Направени се и четири кратки анимирани филмови кои ги следат случувањата на Олимписките игри во кои Венлок е главен јунак и кои можат да се видат на официјалната интернет-страница на маскотата.
Венлок е еднооко суштество кое има аморфен облик, а потсетува на симпатичните чудовишта од истоимениот анимиран филм кој го реализираше студиото „Дизни” во 2001 година.
Името доаѓа од селцето Мач Венлок кое се наоѓа во близина на Шропшајар во Велика Британија.
Таму кон крајот на 19-от век се одржувале „Мач Венлок игри”, на кои локалното население се натпреварувало во традиционални селски спортови.
Трендот секои Олимписки игри да имаат своја маскота потекнува од изданието во Мексико во 1968-та година, кога била креирана гулабицата на мирот, како придружен детал на слоганот на тогашната Олимпијада, „Los juegos de la Paz”, што во превод значи „Игри на мирот”.