Јужниот окружен суд во Њујорк го објави планот за судењето во процесот против тројцата менаџери на унгарскиот Маѓар Телеком обвинети за потплатување на македонските власти. Предвидено е процесот да започне на 1 октомври, а изнесувањето на доказите да трае до 31 јануари 2015 година.
Експертските мислења и извештаи, јави дописникот на МИА, ќе може да се изнесуваат до крајот на мај 2015 година. Судијата Ричард Саливан, кој го води процесот против менаџерите Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамас Морваи реши процесот да се води пред порота.
Претходно, судијата ја одби и втората жалба на адвокатите на тројцата обвинети, кои со судска процедура на поднесување жалба за текот на судењето сакаа повторно да го избегнат процесот против Штрауб, Балог и Морваи.
Адвокатите на тројцата менаџери се повикале на друг судски процес, кој се води пред истиот суд, во кој судот се нашол за ненадлежен во случај на лице обвинето за коруптивни дејства во странство. Но, според судијата Саливен, во случајот на македонскиот Телеком, тројцата унгарски менаџери се обвинети дека се обиделе да ги измамат и американските власти, и поради тоа останува првичната одлука на судот дека е надлежен да продолжи со процесот.
– Обвинетите во случајот против Штрауб и другите организирале коруптивна шема насочена кон македонската Влада и притоа потпишале лажно наведувачки документи пред ревизорите на нивната компанија, како и лажни поднесоци до американската Комисија за хартии од вредност, пишува во меморандумот подготвен од судијата Саливан во понеделникот.
Тројцата менаџери се обвинети дека во 2005 година им дале мито на политичари од Владата на Република Македонија, за да го попречат отворањето на македонскиот телекомуникациски пазар за конкуренција, со што се обезбедила доминантната положба на Македонски Телекомуникации и се овозможил екстра профит на оваа компанија преку повисоки цени.
Случајот се води во САД поради тоа што Маѓар Телеком котира на њујоршката берза и мора да поднесе извештај до американската Комисија за хартии од вредност, при што секое криминално дејство може да се смета како обид за мамење и на американските инвеститори во компанијата.
Во обид да најдат судски преседан со кој ќе докажат дека не се обиделе да нанесат штета на американски граѓани, адвокатите на тројцата обвинети дури се повикале на судски процеси поврзани со терористичките напади на 11 септември, но судот повторно ги одбил нивните аргументи и се очекува судењето да продолжи наесен.