Во време на глобална криза, кога и цената и побарувачката на важни земјоделски производи е на високо ниво, Владата воведува Програма за интервентен фонд за земјоделството, во вредност од 250 милиони денари рече на прес конференција Трајан Димковски од Комисијата за земјоделство на СДСМ.
– 120 милиони денари се наменети за субвенционирање на набавката на вештачки ѓубрива за производителите на пченица и јачмен.Дополнително, поради високата цена на нафтата, годинава, направено е усогласување и на износот за реализација на мерката „зелена нафта“ кој е зголемен за 13 отсто.Обезбедуваме дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво и за сончоглед и пченка. Дополнително, и за оваа година, субвенциите за сончогледот ги исплативме пред почетокот на новата сеидбена сезона за земјоделците да можат навреме да сеат и да имаат пари за производствените трошоци. Минатата недела, Платежната агенција исплати над 450 милиони денари субвенции за полјоделски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка вели Димковски.