Во овој момент одлука за интервентен откуп на пченица нема од страна на Владата на Република Македонија, но тоа не го исклучуваме како опција согласно приликите кои што ќе се случуваат.
Владата остава производителите и откупувачите сами да се договорат околу откупот на пченицата. Ова денеска го изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев одговарајќи на новинарски прашања во врска со изјавата на претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.
– Во моментов ориентирани сме на дополнително стимулирање за функционирање на пазарниот инструментариум и постигнување решенија помеѓу двете страни кои се наоѓаат на пазарот. Будно ги следиме состојбите, а доколку има потреба ќе повлечеме и дополнителни потези, истакна Ѓорѓиев.
Работата на Владата, додаде, е да ја утврдува правната економска рамка и да го регулира пазарот, а не директно да учествува во пазарот без разлика за кој пазар станува збор, во случајов пазарот на пченица.
– Нашите активности се фокусирани на остварување интензивен дијалог помеѓу производителите и откупувачите на пченица, пред се инсистирање на почитување на договорните обврски коишто беа преземени од двете страни пред околу еден месец во поглед на определување на точката во која се сретнуваат понудата и побарувачката на овој пазар, рече Ѓорѓиев.
Според владини информации досега се откупени над 80 илјади тони лебно жито, над 65 проценти од вкупното производство. – Апелираме до сите субјекти кои се вклучени во процесот на нивната општествена одговорност да ги исполнат сите договорни обврски кои ќе бидат во интерес на производителите и на откупувачите на пченица, додаде портпаролот.
Министерството за земјоделство, информира, е во интензивна комуникација со производителите на пченица, ги има сите детали. – Како секогаш, Владата е подготвена на помош и поддршка на земјоделците што ќе значи подобрување на позицијата на определена целна група, истакна Ѓорѓиев.