Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и им додели признание Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.
На свеченоста која се одржа во Филхармонија на Северна Македонија, претседателот Пендаровски во своето обраќање порача дека одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него, на одликуваните. Но, тие се и нешто повеќе од тоа – тие се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите витални општествени сфери. Освен што зборуваат за државните приоритети, одликувањата потврдуваат и дека во општеството постои јасно одбележана патека со критериуми за вреднување, во рамките на хуманите вредносни системи.