Во некој момент ќе се укине сертификатот, тоа е сигурно, го гледаме и во други европски земји, но кога точно ќе биде, ќе зависи од епидемиолошките податоци и од препораката на епидемиолозите, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Темистоклеус објасни дека „целта на сите нас е да се вратиме во некој вид на нормала“ и избегна да каже кога точно ќе се укине сертификатот, истакнувајќи дека ако го знаеја датум ќе го соопштеа.
-Гледаме дека зголемувањето на случаите не дава соодветно зголемување на хоспитализациите. Ако продолжи така и со фактот што се подобрува времето, во следниот временски период ќе се укине сертификатот, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, но и потенцираше дека „ако во септември го наметнат околностите, сертификатот ќе се врати“.
За евентуалната четврта доза од вакцината рече дека тоа е одлука на Националната комисија за вакцинација, на која ѝ бидат потребни седмици за да ги разгледа податоците и да донесе одлука.
-Во врска со четвртата доза постојат три прашања: кои ќе ја примат, кога ќе ја примат и дали ќе постои старосна граница во првичната препорака, рече Темистоклеус.
Извор: МИА