Анализа: Раст на цените на пченката, пченицата, бакарот, нафтата – нагорна ревизија на инфлацијата во земјава!

Од:

Се цртаат контурите на нов, ребалансиран Буџет 2022 година. Извесно е дека стапката на инфлација која сега е проектирана на 2,6% ќе биде многу повисока. Нагорни ревизии на цените на основните суровини се предвидуваат и во најновиот извештај на Народната банка – со нотиран драматичен раст на цените и на металите на светските пазари, пишува Порталб. Дома – бранот поскапувања Владата се обидува да го амортизира преку даночни намалувања и директна помош за граѓаните и за фирмите.

Цените на храната, прехранбените призводи, нафта, метали – Македонија под влијание на „увозна инфлација“…

Најблиските и најзначајните трговски партнери на Македонија ќе се соочат со растечка инфлација – Германија, Бугарија, Србија се земјите од каде најмногу увезуваме и токму затоа во следниот период се очекува натамошен раст и на „увозната инфлација“. Народната банка во најновиот месечен извештај објавува дека прогнозите за раст на цените на основните суровини за прехранбени производи се во нагорна линија. Војната во Украина веќе е закана за прекин во синџирот со снабдување.

„За 2022 година, оценките се ревидирани нагоре, при што се очекува поголем раст на цената на пченицата и раст, наместо пад, на цената на пченката. Нагорните движења кај пченицата во најголема мера се должат на загриженоста на инвеститорите околу можните прекини во каналите на снабдување од регионот на Црното Море поради напнатата ситуација во Украина, додека кај пченката, тоа е одраз на очекувањата за пониско ниво на производство на пченка во Аргентина и Бразил“ – наведуваат од Народната банка.

Времетраењето на војната во Украина ќе биде клучен фактор за економските состојби во Европа и во светот – но доколу има смирување веќе во 2023 година се очекува пад на цените на прехранбените производи. Но, не само прехранбените производи и суровини, пикови на цените веќе достигнаа и нафтените деривати. Само лани цената на нафтата на светските берзи забележала раст од 61%. И овој тренд продолжи – дури и се засили поради воената инвазија на Русија врз Украина – и двете земји важни за светскиот синџир на снабдување со храна и енергенси.

„За 2022 година е извршена нагорна ревизија на цената на нафтата. Ваквата корекција во најголема мера се должи на очекувањата за намалена понуда, во услови на ниски глобални залихи на нафта, намалениот интерес за инвестирање во нафтената индустрија како резултат на транзицијата кон обновливите извори на енергија, како и на присутните геополитички тензии“, наведуваат од НБРМ.

Прогнози за повисока инфлација со ребаланс на Буџетот за 2022 година

Во земјава цените на горивата веќе урнаа рекорди. Но, растечките цени на горивата и на храната не се единствени кои ја разбудија „инфлаторната спирала“. Голем раст на цените и на металите – што веќе повлече и раст на цените на недвижностите. Во 2021 година, цените на бакарот и на никелот забележаа силен раст од 46,1% и 29,6% и овој раст се очекува да продложи и годинава.

„За 2022 година е извршена нагорна ревизија, особено кај цената на никелот, и се очекува нивен поголем раст од проектираниот. Нагорните поместувања кај бакарот во најголема мера се резултат на ниските глоблни залихи и тесните грла во синџирите на снабдување, додека кај никелот тоа во најголема мера се должи на повисоката побарувачка од страна на индустријата на електрични автомобили (батерии), во услови на намалени залихи на никел“, оценува Народната банка.

Сите овие прогнози и очекувања се на маса во Владата – веќе се цртаат новите проекции за повисока инфлација од сега прогнозираната на ниво од 2,6%. Главен удел имаат цените на енергенсите и на прехранбените призводи но аналитичарите во НБМ оценуваат дека „базичната инфлација“ е “подгреана“ од ценовен раст во повеќе сектори:

„На годишна основа (во јануари), базичната стапка на инфлација изнесува 3,2% (2,9% во претходниот месец), во чии рамки највисок позитивен придонес имаат цените на услугите во рестораните и хотелите, надополнет од цените на воздухопловниот транспорт, а во мал дел и од цените на автомобилите, информатичката опрема, производите за лична хигиена, безалкохолните пијалаци, како и цените на фармацевтските производи“.

Во моментов сите очекувања за ценовен раст се во нагорна линија а повисоките остварувања во овој момент во однос на проектираните, создава нагорни ризици кои веќе ја доведоа под знак прашање проектираната стапка на инфлација во 2022 година.

Анализа на Порталб

Би можело да ве интересира

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Државата да ја регулира заштитата на националната критична инфраструктура и да ја унапреди заштитата на јавните места пред да доживееме трагичен напад

A1on

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

A1on

Репортажа – Грција: Цени и услуги, дождот го „потопи“ почетокот на летната сезона!

Ана Ололовска

Шесте најзадолжени општини имаат долг од 36 милиони евра, високо котира и Град Скопје

Ана Ололовска

Анализа: Јавните претпријатија меѓу најголемите „работодавачи“

Ана Ололовска