Најмалку 95 лица се повредени денеска, главно полесно, во судар на два воза во јужно предградие на Тунис, соопшти цивилната заштита.
Портпарол на цивилната заштита изјави дека во сударот се повредени 95 луѓе и дека тие се префрлени во болници. Тој истакна дека еден од возовите превезувал патници додека другиот бил празен.
Несреќата се случила во Џбел Џелуд, јужно предградие на главниот град на земјата. Засега не е позната причината за несреќата.
Според портпаролот, повеќето од повредените се со скршеници и не се пријавени посериозни случаи на повреди.
Во декември 2016 година, пет лица загинаа, а 50 беа повредени во истата зона при судар на автобус и воз, што се случи поради оштетена инфраструктура.
Тунис ја имаше една од најтешките железнички несреќи во својата понова историја во јуни 2015 година, при што загинаа 18 лица при судар на воз и камион во Ел Фахес, околу 60 километри јужно од главниот град на Тунис. Тој судар се случи поради грешка во сигнализацијата.
Извор: МИА