Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Од:

Извештаи од вештачење ја делат разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова од обвинение поради злоупотреба на европски средства и злоупотреба на службената положба и овластувањето. „А1он“ дознава дека Финансиската полиција пред околу две недели прибирала и дополнителни докази против Димова, но и сопственикот на фризерницата „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, чија фирма добивала проекти од Националната агенција. Инспекторите најмногу биле заинтересирани за податоци од серверите на институцијата каде меѓу другото треба да има податоци од службените коресподенции, но и за распределбата на европските средства. Поради недостигот на пари во благајната, истрага и натаму се води за надворешниот соработник Александар Гочев и пензионираната благајничка Ана Павлиду.

Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска истрагата треба да ја заврши до крајот на месец април. Од Обвинителството за „А1он“ велат дека имало дополнителни наредби за вештачење, кои се потребни за да се заокружи овој дел од постапката. Предметот е во завршна фаза.

„Обвинителството ќе ги испочитува законски предвидените рокови за завршување на истражната постапка. Во моментов се очекуваат извештаи од постапувањето по дополнителните наредби за вештачење што во текот на постапката произлегоа како потреба за заокружување на истрагата. По нивното добивање и анализа предметниот обвинител ќе ги извести странките за завршена истражна постапка, по што тие согласно закон имаат право од 15 дена да направат увид во доказниот материјал и да предложат нивни докази“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Случаите се поведоа откога „А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш премиерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. трејд“ обвинуваа оти сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција, Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуациската комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација што имала повеќе бодови од „В.Е.З. трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти со грантови од „Еразмус+“, но неговиот проект е со грант.

„А1он“ крајот на јануари објави и дека разрешената директорка Димова ја тужеше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со тврдење дека била незаконски разрешена. Неофицијално, Управниот суд ја отфрлил тужбата, поради технички причини. По ова, таа се жалела до Виш управен суд, за кој уште не се знае дали донел одлука.

Би можело да ве интересира

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Кристијан Ландов

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов

ОЛАФ доаѓа за истрагата против Лидија Димова и фризерницата, ќе ги испитува злоупотребите со обвинителот

Сослушана Лидија Димова за злоупотребите во Националната агенција, поради короната, истрагата ќе биде продолжена

Кристијан Ландов