Францускиот претседател Емануел Макрон „не ја исклучува“ можноста за посета на Москва или Киев за руската инвазија на Украина, но смета дека сега „не се исполнети условите“ за тоа, јави дописникот на МИА.
-Не исклучувам ништо и каква било политичка иницијатива, но тоа ќе го направам кога ќе сметам дека може да има корисен и опиплив резултат, изјави францускиот претседател на маргините на средбата со украинските бегалци во Мен-ет-Лоара.
Прашан за можноста тој да патува во Русија или Украина, додека полскиот, чешкиот и словенечкиот премиер отпатуваа за Киев, Макрон рече дека „не исклучува никакво патување, но тоа не е планирано во следните неколку часа или следните неколку дена“.
-Во моментов ќе продолжам да работам со нашиот метод, ќе продолжиме со дискусии, ќе продолжиме со интензивна работа во Европа и ќе го направиме тоа со перспектива на Европскиот совет следната недела. А потоа, исто така, да ги прошириме нашите дипломатски иницијативи со САД, Кина, за да „се обидеме да го произведеме ова корисно дипломатско решение преку преговори, прво прекин на огнот и решавање на конфликтот, рече Макрон.
Извор: МИА