Украинскиот премиер Денис Шмихал во обраќањето до Парламентарното Собрание на Советот на Европа, го повика Советот на Европа „итно да ја исклучи“ Русија од оваа паневропска организација, специјализирана за човековите права, јави дописникот на МИА.
-Правото на живот е едно од главните основни права – и денес, во центарот на Европа, ова право се прекршува секоја минута и секоја секунда, нагласи тој, говорејќи откако украинскиот претседател Володимир Зеленски не можеше да одржи закажан говор.
-Мораме да имаме цврст одговор. Оние кои ја извршија оваа неиспровоцирана и неоправдана агресија не можат да останат во ова европско семејство – каде човечкиот живот се смета за највисока вредност, додаде украинскиот премиер.
-Украина гори. Мораме да ги здружиме силите не само за да ја одбраниме Украина, туку и да ја одбраниме цела Европа денес. Мора да ја запреме агресијата, да избегнеме нуклеарна катастрофа, да спречиме цела Европа да се запали. Денес Русија вели дека нема војна – дека никој не објавил војна, дека ова е само „специјална воена операција“. […] Но, можам да ви кажам дека Русија и претседателот Путин започнаа војна од целосен размер во централна Европа, војна која може да се претвори во трета светска војна, продолжи Шмихал .
Тој го повтори повикот на неговата влада да го „затвори небото“ над Украина со создавање зона на забранети летови и повика да се стави крај на „лагите и омразата“ што ги шири руската пропаганда.
Премиерот на Украина, исто така, искрено им се заблагодари на соседните земји на Украина за нивната поддршка и солидарност.
-На сите што им понудија засолниште, топлина, гостопримство и грижа на нашите сопруги, нашите деца, им благодарам – ова се вистинските вредности на нашето заедничко европско семејство.
-Бараме да се донесе одлука за итно исклучување на Русија од Советот на Европа, беше директен шефот на украинската влада, говорејќи преку видеоконференција од Киев за време на вонредната седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.
Извор: МИА