По препорака од надлежната комисија на епидемиолози во Министерството за здравство, грчката Влада ја укина мерката за задолжително носење маска на отворено, одлука што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, во средата рече со укинувањето на задолжителното носење маска на отворено започнува постепеното олабавување на мерките во земјата.
-Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постоечките рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и лето ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните, рече Плеврис, истакнувајќи дека сепак, рестрикциите и ограничувањата за невакцинираните ќе останат непроменети.
Во рамките на постепеното олабавување на мерките, за десет дена, односно од 15 март 2022 година ќе се укине и формуларот PLF (Passenger Locator Form) за патување во Грција, што веќе 20 месеци е задолжителен за влез во земјата, без разлика дали станува збор за грчки државјани или странски туристи.
Во однос на ситуацијата со Ковид-19 во Грција, од почетокот на месецов, во просек имаше по 16.000 новозаразени и по 57 смртни случаи дневно, додека пак вкупно, од почетокот на пандемијата, регистрирани се 2.486.262 случаи и 26.092 починати лица.