Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска разговараше со турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, при што ја истакна осудата за однапред планираната, неиспровоцирана и незаконска инвазија врз Украина и се заблагодари за поддршката на Турција кон Киев.
Во денешното соопштение од Стејт департментот се наведува дека Блинкен изразил задоволство од покажаната солидарност на партнерите и сојузниците во соочување со кризата.
– Блинкен го изрази своето задоволство од континуираната имплементација на Коневенцијата од Монтре од страна на Турција и коментарите на министерот Чавушоглу околу ова прашање, изјави портпаролот Нед Прајс.
Конвенцијата од Монтре го регулира преминот на бродовите низ теснеците Босфор и Дарданели. Според документот, Анкара има право да забранува транзит на воени бродови за време на војна и кога е соочена со воени закани.
Секретарот се заблагодари на Турција за цврстата поддршка во одбраната на Украина и нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, се вели во соопштението.
Извор: МИА