Со пристигнувањето на коњаниците од Илинденскиот марш во Крушево почнува манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.
Манифестацијата, што се одржува во пресрет на одбележувањето на двата Илиндена, 110-годишнината од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ, ќе биде отворена вечер на Гумење со читање на Манифестот на Крушевската Република и со церемонија на изнесување и подигнување на бајракот. На отворањето ќе се обратат градоначалникот на Крушево, Ѓорги Дамчески и потпретседателот на научно културните средби Манојил Јаковлески.
Согласно програмата, предвидено е да бидат врачени плакети на истакнати личности и организации, а пред официјалното отворање ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Даме Груев во Смилево, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проевски.
Централниот собир ќе се одржи утре на Мечкин Камен каде ќе се обрати премиерот Никола Груевски, кој е годинашен покровител на манифестацијата.
Големиот народен собир ќе биде збогатен со настапот на ансамблот за фолклор „Танец“, а вечерта на плоштадот во Крушево ќе настапи Културно-уметничкото друштво „Наум Наумовски – Борче“.
Во следните денови манифестацијата, што се одржува под слоганот „Една идеја, многу победи“, ќе продолжи со настани посветени на денот на формирањето на Владата на Крушевската Република и на Манифестот на Крушевската Република, а ќе се одржат и настани за 70 години сеќавање на жртвите на Холокаустот и во чест на хероите од Егејот.
Манифестацијата ќе заврши на 10 август на Гумење со спуштање на бајракот и стерлба во чест на хероите на Илинден и Крушевската Република.