Од 6. до 11. јули во Охрид 53-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри

Од:

Традиционално по 53. пат во периодот од 6 до 11 јули оваа година Охрид ќе биде домаќин на познати ансамбли и културно уметнички друштва од Балканот и пошироко од Европа и светот што ќе настапуваат на најстарата манифестација од тој вид во Република Македонија, Балканскиот фестивал на нардни песни и игри.

Драгана Боцеска, директор на Центарот за култура „Григор Прличев“ што е организатор на манифестацијата, на прес-конференција појасни дека и оваа година фестивалот ќе понуди богата и разновидна уметничка програма, со акцент врз настапи на ансамбли и КУД што ги негуваат традиционалните песни и игри од балканските простори.

– Оваа година на Балканскиот фестивал најавено е учество на 12 ансамбли и КУД што ги негуваат традиционалните народни песни и игри од Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Полска, Словенија, Грција, Србија, Турција, како и фолклорни друштва на нашите иселеници од Мелбурн, Австралија, рече Боцеска.

Отварањето на фестивалот веќе години наназад е резервирано за настап на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, кој ова фестивалско издание ќе го отвори со сосема нова програма, заеднички со настап на Ансамблот „Гоце Делчев“ од Неврокоп, Република Бугарија.

– На отварањето „Танец“ ќе настапи со посебна програма, со изведби на нови и атрактивни кореографии, обработени фолкорни теми, но сепак блиски до изворното, најави директорот на „Танец“ Зоран Џорлев, кој е и дел од селекторскиот тим на Балкански фестивал задолжен за избор на учесниците на фестивалот.

Тој во оваа прилика најави уште еден настап  на „Танец“ во Охрид во рамки на одбележувањето на 65-годишнината од формирањето, но како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, за каде најави сосема поинаква програма, со кореографии со кои „Танец“ настапувал во минатото.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е еден од ретките манифестации од тој вид во регионот што опстојува веќе пет децении и  успева да го задржи високото реноме, притоа покривајќи ги сите трошоци за престој на учесниците на фестивалот.

Манифестацијата е под покровителство на Собранието на Република Македонија, а со финансиска поддршка на Министерството за култура. 

Би можело да ве интересира

„Танец“ организира комеморација за својот солист Далибор Ѓошиќ

Почнува 61. Балкански фестивал на народни песни и игри

Традиционален новогодишен концерт на „Танец“

Ана Ололовска

Ансамблот „Танец“ со традиционален новогодишен концерт и нова кореографија во МНТ

„Танец“ се прости од Џорлев: Сочувство до семејството и колегите со кои ја делеше сцената

Ландов

Ансамблот „Танец“ ќе добие нови простории, одлучи Владата на последната седница

Жарко Настоски