Таткото на америкаскиот бегалец Едвард Сноуден изјави дека американското Федерално истражно бито (ФБИ) побарало од него да го посети својот син Едвард, кој повеќе од еден месец престојува на московскиот аеродром Шереметјово.
Во интервју за руската државна телевизија, Лони Сноуден вели дека ваквата сугестија ја примил пред неколку недели, но дека тој побарал од американската полиција „повеќе детали“ пред да донесе конечна одлука.
– Сакам да ги знам вистинските намери на ФБИ, рече таткото на Едвард Сноуден, кога САД го обвинија за откривање на тајната програма за следење на електронската и телефонската комуникација, што со дозвола на американските власти од безбедносни причини ја спроведувала Агенцијата за национала бебзедност (НСА).
Според Лони Сноуден, неговиот син во САД „нема да има фер судење“, па затоа доколку тој би бил на местото на Едвард, би останал трајно во Русија. За својот син, таткото Сноуден тврди дека е „вистинскиот патриот“ кој со својот потег „ја направил Америка подемократска земја“.
Едвард Сноуден допатува во Москва на 23 јуни, откако кинеските власти му дозволија да замине од Хонг Конг, каде се криеше и покрај американското барање за екстрадиција.
Во меѓувреме тој доби привремен руски азил за да може од аеродромот „Шереметјово“, каде се уште престојува, да се префрли до дипломатските мисии на една од трите јужноамерикански земји кои му понудија азил. На 23 јули, САД дадоа гаранции дека Сноуден, доколку се врати во својата татковина, нема да биде обвинет за кривично дело кое предвидува смртна казна.