Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и тој се заинтересирани за нови разговори околу безбедносните гаранции.
– Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и јас се договоривме дека тој ќе биде подготвен да се сретне откако Русија ќе го испрати документот и (Вашингтон) ќе се запознае со нашата визија за ситуацијата. И двајцата сме заинтересирани за тоа. Тоа е согласно нашите интереси и планови, истакна Лавров за време на заедничката прес-конференција со грчкиот колега Никос Дендиас во Атина.
Лавров нагласи дека Москва ќе инсистира САД и НАТО да ги исполнат своите безбедносни обврски и ветувања дадени на Русија во таа сфера.
– Ние сме заинтересирани да им објасниме на нашите американски колеги и на сите нивни сојузници во НАТО на детален начин дека не можеме да бидеме задоволни со ветувањата, додаде шефот на руската дипломатија.
Тој истакна дека „извештаите за драстично зголемување на гранатирањата на Донбас со употреба на оружје забрането со Договорот од Минск, предизвикуваат тревога во Москва“.
– Што се однесува до ситуацијата во Донбас, ние сме многу вознемирени од извештаите од последните неколку дена, поточно вчера и завчера, за нагло зголемување на гранатирањата со употреба на оружје забрането со Договорите од Минск, изјави Лавров на прес-конференцијата.
Шефот на грчката дипломатија ја истакна потребата од итно намалување на тензиите во Украина.
– Еден конфликт во Украина нема да има победник. Сите ќе загубиме, изјави Дендиас на заедничката прес-конференција.
– Ја слушаме загриженоста на Русија за нејзината безбедност и ги земаме предвид грижите на другите“, рече грчкиот министер, нагласувајќи дека сите проблеми мора да се решат „врз основа на дијалог што се води според меѓународното право“.
Дендиас првично ја истакна потребата од итна деескалација, истовремено потенцирајќи дека „Грција целосно го поддржува Договорот од Минск“.
– Владата на Мицотакис е посветена да го направи она што е неопходно за да ја заштити грчката заедница, која се наоѓа таму со векови, рече грчкиот министер за надворешни работи.
Меѓу другото, Лавров на прес-конференцијата додаде и дека „Русија е подготвена да создаде услови за решавање на територијалните спорови меѓу Грција и Турција и на тој начин да им помогне на двата соседа да ги решат разликите“.
Коментирајќи ги територијалните претензии на Анкара, грчкиот министер за надворешни работи изјави дека тврдењата на Турција „се изговор за каква било акција“.
– Грција поддржува конструктивен дијалог со Турција. Сепак, таа е подготвена да го брани својот национален суверенитет од каква било закана, рече Дендиас.
Грчкото Министерство за надворешни работи вчера испрати протестна нота до Турција поради изјавите со кои се доведува во прашање грчкиот суверенитет над островите во Егејско Море.
Во однос на испораките на руски гас, Москва и Атина ја потврдија нивната веродостојност.
– Ја потврдивме веродостојноста на испораките на овој вид гориво од Русија за Грција, рече Лавров пред новинарите.
Дендиас истакна дека за време на средбата разговарале и за зајакнување на врските меѓу Грција и Русија, „нагласувајќи ја соработката во многу сектори како што се туризмот, енергетиката, пандемијата на Ковид-19 и побаравме чартер летови во текот на летото“.
Извор: МИА