Демонстрантите кои се противат на предложениот подарок од САД од половина милијарда долари за Непал денеска се судрија со полицијата пред Собранието, а има повредени од двете страни.
Предлогот што Собранието требаше да го гласа предизвика несогласувања меѓу партиите, бидејќи се повеќе се противат на најавената помош, а предничеа најмногу комунистичките партии.
Парите од грантот се наменети за изградба на далноводи и подобрување на патиштата во Непал, земја на Хималаите, но партиите кои се против наведуваат дека тој доаѓа под неприфатливи услови.
Двете комунистички партии кои се дел од коалициската влада тврдат дека условите во договорот за грант ќе надвладеат над непалските закони и ќе го загрозат суверенитетот на земјата.
Тие наведуваат дека тоа е „дел од индо-пацифичката стратегија на Вашингтон, која има воени компоненти кои би можеле да доведат американски војници во Непал“.
Американските власти неодамна разговараа со непалските лидери за да ги уверат дека грантот се однесува само на развојот на Непал.
Неколку стотици демонстранти успеаја да ги пробијат густите редови на полицијата која употреби бамбусови стапови и солзавец. Полицијата употреби и водени топови за да ги растера демонстрантите кои ги гаѓаа со камења.
Поради конфликтот со часови се блокирани патиштата кои водат до зградата на Собранието. Генералниот штрајк ги затвори училиштата и го прекина сообраќајот.
Полицијата во Катманду приведе десетици демонстранти кои се обидоа да го блокираат сообраќајот и запалија такси возила.
Извор: МИА