Девет лица загинаа при експлозија на рачно изработена бомба поставена крај пат во јужен Авганистан, активирана во време кога крај неа минувало полициско возило.
Нападот е извршен на автопатот меѓу јужниот град Кандахар и престолнината Кабул, во провинцијата Забул, што важи за една од опасните зони во земјата, бидејќи во неа во последните неколку години талибанците извршија мноштво напади.
– Во нападот загинаа тројца полицајци, вклучувајќи и еден офицер, како и шестмина цивили, изјави вицегувернерот на провинцијата Мохамед Џан Расулар.
Петнаесетина лица, главно минувачи, се ранети, додаде тој.
Властите во соседната провинција Кандахар за нападот ги обвинија талибанците, но до овој момент се уште никој не ја презеде одговорност.
Рачно изработените бомби и самоубиствените напади против авганистанските сили за безбедност и нивните сојузници од НАТО, се често користени методи на вооружената борба на талибанците, преку кои исламистите се надеваат дека ќе се вратат на власт во Кабул.